Германскиот нацистички логор Белзец бил центар за екстерминација на Евреи пред се од Полска. Од март до декември 1942 година, околу 450 000 полски Евреи како и Евреи од Германија, Чешка, Австрија и Словачка биле убиени во логорот, како и неутврден број на полјаци и роми. Овој логор заедно со логорите Треблинка, Собибор и Мајданек бил дел од операцијата Рајнард за целосно уништување на Евреите од Полска.

Логорот Белзец започнал да работи на 17 март 1942 година што всушност и претставувало почеток на операцијата Рајнхард. Логорот бил место каде што нацистите изведувале различни експерименти со цел усовршување и забрзување на процесот на убивање.  Изградбата на логорот започнала на 1 ноември 1941 година. Локацијата на која бил поставен била избрана заради близината на железничката пруга и поврзаноста со градот Лублин, како и близината на железничката станица Рава Руска која овозможувала железничка поврзаност со Краков и областа Галиција. На местото каде што бил изграден логорот уште во 1940 година постоел работен логор во кој под принуда работеле Евреи затвореници кои копале антитенковски ровови во близина на реката Бук (Бух) која во тоа време претставувала граница помеѓу Германија и СССР во окупирана Полска. Во логорот Белзец за прв пат било употребено масовно убивање на луѓе во гасни комори. Самиот логор бил управуван од СС персонал кој бил составен од помалку од 40 луѓе, истиот бил обезбедуван од 100-тина украински чувари доброволци инаку воени заробеници, а командири на логорот биле Кристијан Вирт и Готлип Херинг.

Работата на логорот може да се подели во две фази, и тоа првата која траела од отварањето до јуни 1942 година, кога во примитивни дрвени гасни комори со јаглероден моноксид испуштан од дизел мотори вкупно биле убиени околу 80 000 луѓе, и вториот период кога биле изградени ефикасни бетонски гасни комори со што убивањето добило индустриски размери и биле убиени меѓу 350 000-400 000 луѓе. Самите гасни комори биле привидно адаптирани како места за туширање.

Скоро сите Евреи кои пристигнувале во логорот Белзец биле убивани веднаш по нивното пристигнување, додека само мал дел од затворениците не биле веднаш убивани и биле вклучени во процесот на складирање и пребарување на облеката на жртвите, стрижење на косите, како и испразнување на гасните комори.

Белзец престанал да работи во декември 1942 година, а како најверојатна причина за престанок на работата бил недостатокот на простор во масовните гробници. Самиот процес на закопување на телата и прикривање на масовните гробници се одвивал и по затворањето на логорот се до пролетта во 1943 година кога биле отворени масовните гробници, а телата на жртвите биле ексхумирани и кремирани. Додека зградите и опремата биле демонтирани во јуни 1943 година. Евреите кои биле дел од единицата зондеркомандо подоцна биле одведени и убиени во кампот Собибор.

Само двајца затвореници Евреи, Рудолф Редер и Хаим Хирзман, кои биле депортирани во екстерминациониот логор Белзец успеале да се спасат, и тие се единствените преживеани од овој логор.

 

 

 


Any help from you is more than welcome.

Donate to continue with the successful work and education

MK EN