КАВАДАРЦИ И ГЕВГЕЛИЈА БЕА ДОМАЌИНИ НА ТАКТИЛНАТА ИЗЛОЖБА „ЕДЕН ЧАС“ – (ONE HOUR)


На 29 април во просториите на Музејот Куќата на мирисот и вкус во Кавадарци гостуваше изложбата „Еден час“ која оваа календарска година е патувачка. Беа поставени 10 паноа. На секое пано има тактилна слика за музејски експонат од Меморијалниот центар на холокаустот, проследена со опис на Брајово писмо. На паноата има и фотографија и текст за сите оние што можат да ги видат, а се придружници на лицата за кои е наменета оваа изложба.
Со насмевки и топло добредојде бевме пречекани и во просториите на Здружението на слепи лица во Гевгелија. Низ дискусија, прашања и лични искуства зборувавме за историјата, културата и традицијата на Евреите во светот и кај нас.
Оние за кои беше наменета изложбата со внимание ја проследија, а во иднина се добредојдени гости на нашиот Меморијален центар на холокаустот. Останавме да се дружиме еден час и во двата града.
Голема благодарност до претседателот Јанков Костадин и секретарот Богоја Јошев од Здружението на слепи лица на Кавадарци кои го овозможија гостувањето на изложбата, а посебна благодарност за Локален Музеј Галерија Кавадарци за отстапениот простор. Благодарност и до Лазе Трајков и Весна Аризанова од Здружението во Гевгелија кои ги организираа членовите на нивнотот здужение и ги подготвија просториите за тактилната изложба „Еден час“.
Координатор на проектот за изработка на паноата беше Ирена Ружин, Јове Парговски ги изработи тактилните слики. Текстовите за изложбата ги подготвија Жаклина Мучева и Лилјана Лазаревска Мешковска, а текстот на Брајова азбука го подготви Андријана Шокларовска.
Целта на овој проект е зголемување на инклузијата и доближување на еврејското културно наследство до слепите и лицата со оштетен вид.
Изложбата е сопственост на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а проектот патувачка изложба е финансиски поддржан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN