Министерството за надворешни работи денеска организираше комеморативно одбележување на 27 Јануари – Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Воведно обраќање имаше заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, која посочи дека грижата за сопственото минато е одлика на цивилизираниот свет. Таа ја нагласи цврстата и трајна определба на Владата, неуморно и постојано да работи на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, како и на борбата против антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, лажните вести и други негативни појави со коишто сите се соочуваме.
На комеморативниот настан се обрати и министерката за култура, Бисера Ковачевска-Стојчевска која истакна дека холокаустот е мрачен пример на политика втемелена врз верска и етничка исклучивост, при што напомена дека ужасот на Втората светска војна никогаш не треба да се заборави. „Северна Македонија ги помни жртвите на холокаустот и ги чува сеќавањата и во овој исклучително важен Меморијален центар“.
Во емотивното обраќање на претседателката на Собранието на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Радојка Хелман-Денковска беа спомнати Евреите од Македонија кои биле убиени во логорот Треблинка. Таа опомена дека бил извршен најголем геноцид во историјата на човештвото. „Злото не познава временска димензија, не познава меридијани, не познава континенти. Холокаустот не се случил таму негде далеку, се случил тука, кај нас. 7144 македонски Евреи се жртви на холокаустот. Тоа не е само бројка која нѐ застрашува туку тоа е бројка која нѐ обврзува никогаш да не заборавиме дека не само Евреите, туку секој народ може да биде жртва на човечкото его, лудост и фикција.
На настанот се обратија и амбасадорот на Грција во својство на земја-претседавач со ИХРА, Русос Кондурос и заменик шефот на Мисијата во Амбасадата на САД, Ерик Мејер.
Преку видео врска и видео порака се вклучија високи претставници на Израел, како министерот за надворешни работи, Јаир Лапид; министерот за дијаспора, Нахман Шаи, амбасадорката на Израел за нашава земја, Симона Франкел која повика на идните генерации да им се обезбеди да научат не само за она што се случувало во холокаустот, туку како и зошто луѓето дозволиле да се случи, и нашата најдобра одбрана против тоа е никогаш да не заборавиме каде таквото нешто води. На видео врска зборуваше и координаторката на Европската комисија за борба против антисемитизмот и унапредување на еврејскиот живот, Катарина фон Шнурбеин.
По обраќањата на високите гости следеше панел дискусија на тема “Република Северна Македонија – 35та членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА): активности и мерки во борбата против искривоколчувањето на холокаустот и антисемитизмот и улогата на ИХРА во овие области”.
На панел дискусијата се обратија шефот на делегацијата на Северна Македонија при ИХРА, Јован Теговски, Ленарт Алдик, Заменик Генерален Секретар на ИХРА, Ришел Бад-Каплан , директор за меѓународни односи во Јад Вашем, Миколај Вречионковски , советник за борба против антисемитизмот во Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права(ОБСЕ/ОДИХР), Ернест Херцог, Извршен директор и претставник на Светскиот
еврејски конгрес за Балканот и Горан Садикаријо , директор на Меморијалниот центар на холокаустот и член на делегацијата на Република Северна Македонија при ИХРА. Садикаријо зборуваше за мерките и активностите кои се превземаат во борбата против искривоколчувањето на холокаустот и антисемитизмот. Со конкретни примери беше отсликана реалноста за присутноста на антисемитизмот и во нашата земја. Тој во своето заклучно сублимирање истакна: „Антисемитизмот не е само проблем на Евреите, тоа е заеднички проблем, закана која ги уништува општествата како целина, ги поткопува демократските вредности и човековите права и нема граници.
Како да го сузбиеме антисемитизмот? Системски на национално и на меѓународно ниво, со зајакнување на највисоките стандарди на демократијата, со едукација - како најмоќно оружје на модерното време. Потребен е и силен систематски судски одговор на антисемитските дејствија.
Едукацијата за холокаустот, антисемитизмот и еврејскиот живот останува една од најважните алатки за спречување на антисемитските предрасуди. Размената на добри практики за промовирање на медиумската писменост и свесноста за теориите на заговор е исто така клучна.
Само така нашата бескомпромисна борба за еднаквост може да биде моќен влог за подобра и побезбедна држава“.