Заврши семинарот „Уметноста во холокаустот“ 2025
ЗАВРШИ СЕМИНАРОТ „УМЕТНОСТА ВО ХОЛОКАУСТОТ“
Викендот што измина (9-11 мај) беше во знакот на семинарот „Уметноста во холокаустот“ кој се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а беше наменет за наставници кои предаваат ликовно и музичко образование. Семинарот го отворија извршниот директор на Фондот на холокаустот, Горан Садикаријо и Жаклина Мучева, раководител на секторот за едукација во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија по вторпат организираше семинар за овие наставници и искуството според наставниците кои учествуваа на семинарот беше одлично. Нашата долгогодишната традиција на едукација на наставници кои предаваат историја, граѓанско, јазици, етика помогна во поставување на целите и задачите и за овој семинар.
Наставниците се запознаа со холокаустот на македонските Евреи преку предавањето „Финалнотото решение“ на македонските Евреи на професор д-р Мишо Докмановиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тоа знаење го дополнија со следење на краткиот филм „Депортација на македонските Евреи“ од Лилјана Лазаревска Мешковска, во продукција на ФХЕМ и преку посета на фабриката за тутун – Монопол и постојаната поставка во Меморијалниот центар.
Д-р Вера Меворах е истражувач и едукатор. Нејзината работа ги опфаќа областите за холокаустот, дигиталната култура, уметноста и критичката теорија. Во свите предавања насловени „ Музиката под принуда и како отпор: Звуци на холокаустот“, „ Визуелни сведоштва за холокаустот“ и „(Не)претставливоста на холокаустот“ таа направи осврт на ликовната и музичката уметност во холокаустот.
Музиката под принуда и како отпор: Звуци на холокаустот
Во ова предавање д-р Меворах ја истражува сложената улога на музиката за време на холокаустот – нејзината употреба од страна на нацистите како средство за контрола, заплашување и пропаганда, но и нејзината функција како средство за отпор, утеха и зачувување на достоинството меѓу затворениците. Преку примери од логорите и гетата, се разгледуваше како музиката стана простор на борба за човештвото во нехумани услови, и како овие „звучни пејзажи“ го обликуваат нашето разбирање за страдањето и сеќавањето и денес. Предавањето комбинираше историографски, музички и културно-теориски пристап кон ова сложено наследство.
Визуелни сведоштва за холокаустот
Предавањето се занимаваше со визуелни изрази создадени за време и по холокаустот, со посебен фокус на делата создадени во логори, гета и скривалишта, како и уметнички дела на преживеани кои сведочат за искуството на страдањето. Преку анализа на цртежи, слики и визуелни фрагменти создадени во екстремни услови, како и повоени уметнички третмани на трауми, на предавањето се зборуваше како уметноста станува средство за документација, отпор, меморија и комуникација.
(Не)претставливоста на холокаустот
Ова предавање отвори прашања за границите на уметничкото претставување во лицето на холокаустот - настан кој често се означува како „незамислив“ и „непретставен“ во теоретската мисла. Поаѓајќи од познатите позиции како што е тврдењето на Адорно дека поезијата по Аушвиц е варварска, се разгледуваа филозофските, етичките и естетските дилеми кои го придружуваат уметничкото сведоштво за геноцидот. Преку примери од литературата, ликовната уметност, филмот и музиката, предавањето истражуваше како уметноста се обидува да комуницира неискажливо, дали придонесува за меморијата - или ѝ се заканува, и каде лежи линијата помеѓу уметничкото изразување и моралната одговорност денес.
За практичниот дел, работилниците и смерниците за планирање на часот беше задолжена Даниела Штерјова - професор по англиски јазик и национален координатор на образовните програми на Институтот за истражување на Еврејската историја и култура во Европа – Centropa со седиште во Виена, Австрија. Штерјова учествувала на голем број семинари организирани од Фондот на холокаустот, па како долгогодишен соработник подготвено настапи пред наставниците-колеги. Тие, пак изработија одлични креативни и содржајни часови.
Семинарот беше поддржан од Министерствотот за култура и туризам, а истиот беше одобрен од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образованието.
Фото: Маја Јаневска Илиева
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација