ПРЕПОЗНАВАЊЕ И СПРАВУВАЊЕ СО ИСКРИВОКОЛЧУВАЊЕТО НА ХОЛОКАУСТОТ ПРЕПОРАКИ ЗА КРЕАТОРИТЕ НА ПОЛИТИКИ И НОСИТЕЛИТЕ НА ОДЛУКИ


Зошто треба да се спротивставуваме на искривоколчувањето на холокаустот?

Искривоколчувањето на холокаустот претставува суштинска закана за сеќавањето на холокаустот и овозможување свет во кој нема да има геноцид.

Упатувањата на холокаустот кои погрешно ја карактеризираат и ја искривоколчуваат неговата историја и релевантност, претставуваат навреда за сеќавањата и искуствата на жртвите и преживеаните. Искривоколчувањето на холокаустот го поткопува нашето разбирање за оваа историја и ги „храни“ теориите на заговор, опасните форми на национализам, негирањето на холокаустот и антисемитизмот.

Со ветувањето дека ќе ги поддржат принципите на Стокхолмската декларација, земјите членки на ИХРА беа во првите редови на развојот и поддржувањето на истражувањата, едукацијата и комеморативните активности на темата холокауст. Преку овие заложби, ОХРА сè повеќе им посветува внимание на начините со кои злоупотребата на холокаустот и неговото наследство ја поткопуваат историјата и му се закануваат на социјалниот, политичкиот и културниот соживот.

Во изминатава деценија искривоколчувањето на холокаустот сè повеќе се зајакнува. Тоа се манифестира на различни начини, кои имаат негативно влијание врз напорите за справување со омразата, и истовремено претставува закана за долгорочната стабилност на релевантноста на холокаустот како тема за заедничко сеќавање. Од тие причини, неопходно е земјите членки на ИХРА да ја подигнат свеста за искривоколчувањето на холокаустот и да изнајдат подобри можности и начини да се докаже тоа и соодветно да се реагира.

Креаторите на политики и владините службени лица во ИХРА заедницата се суштински партнери во ваквите настојувања. Разбирањето на искривоколчувањето на холокаустот во сите негови конкретни, небулозни и притаени форми може да биде основа за создавање политики и нивно зајакнување на повеќе фронтови – од културолошки и образовен, до правен. Сепак, одговорноста не е само кај владите и креаторите на политики. Постои голема потреба медиумите, социјалните мрежи, партнерите од граѓанското општество и службите задолжени за спроведување на законот на локално, национално и на меѓународно ниво да ја зголемат свеста и да го засилат одговорот на овој растечки проблем.

Овие насоки и препораки се одраз на мисијата на ИХРА за промовирање на образованието, сеќавањето и истражувањето за холокаустот. Во насока на исполнување на оваа мисија, земјите членки на ИХРА вложуваат напори на меѓународен план за борба против негирањето на холокаустот и антисемитизмот.

ИХРА ги презентира овие препораки како прв чекор во реагирањето на искривоколчувањето на холокаустот и во зајакнувањето на свеста за овој настан од историјата. Со скенирање на кодот можете да ја преземете публикацијата.

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN