Емпатична комуникација во образованието за возрасни: состанок на партнерите од проектот Еразмус+ во Рига


Повеќе од една година, вработените во музејот ПОЛИН во Варшава, Меморијалот Шоа во Париз, Меморијалот Жанис Липке во Рига и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија учат „Ненасилна комуникација“ (NVC ), метод развиен од д-р Маршал Б. Розенберг, американски психолог, кој служи за поттикнување дијалог и градење општества засновани на емпатија и разбирање на потребите на секој поединец. Во јуни 2022 година, партнерите од овој проект се состанаа во Рига и разговараа за различни начини на користење на овој метод.
На обуката во меморијалната куќа Жанис Липке во Рига од 6-8 јуни 2022 година, учесниците во проектот разговараа за начините за користење на NVC методот со посетителите на тамошниот меморијален центар, обрнувајќи внимание на локалните општествени, историски и политички околности. Некои од дискутираните примери беа поврзани со современиот контекст на војната во Украина, чија перцепција предизвикува бројни социјални тензии во Латвија. Вежбите поврзани со специфични комуникациски ситуации беа водени од обучувачите на NVC, Имелда Подиња и Селин Хуарт од Empathy Tank Baltic и беа прошарани со стручни состаноци и предавања, како и посети на спомениците и локациите на холокаустот.
Во име на домаќините, кустосот и едукатор Маја Мејер-Оша ги запозна учесниците со историјата на семејството Липке, на кое му е посветен музејот во Рига. Споменикот Жанис Липке се наоѓа на островот Ќипсала и ја раскажува приказната за семејството на пристанишниот работник Жанис Липке, кој за време на германската окупација, заедно со неговата сопруга Јохана, ги спасувале Евреите од гетото во Рига. Како добавувач, Липке им помагал на принудните работници да избегаат и некои од нив ги сокривл во подземен бункер во неговата барака. Засолниште таму нашле повеќе од 50 луѓе. Во 2012 година, до куќата на семејството Липке, бил отворен музеј.
Учесниците на семинарот научија повеќе за историјата и комеморацијата на семејството Липке благодарение на д-р Диџис Берзинш од Институтот за филозофија и социологија на Универзитетот во Латвија.
Учесниците научија многу за историјата на Евреите во Рига за време на холокаустот со посета на поранешното гето во Рига и на спомен-локалитетите. Директорот на музејот „Евреите во Латвија“, Илја Ленски, ги раскажа трагичните настани во шумата во близина на железничката станица Румбула. Во две операции за истребување, извршени на 30 ноември и 8 декември 1941 година, Германците и Летонските соработници убиле околу 25.000 затвореници од гетото во Рига и 942 Евреи донесени од Берлин. Шесте огромни јами во кои биле закопани жртвите претходно биле ископани од 300 советски воени затвореници, кои исто така биле убиени на тоа место.
Учесниците се запознаа и со историјата на концентрациониот логор Саласпилс. Овој логор, организиран во октомври 1941 година, бил наменет за политички затвореници и Евреи од западноевропските земји, но од 1942 година Германците почнале да носат жители од Латвија, Русија и Белорусија. Еврејските затвореници биле принудени да го изградат логорот, од кои околу илјада умреле од прекумерна работа, глад и болести. Според најновите истражувања на летонските историчари, бројот на жртвите бил околу 3.000, меѓу кои и неколку стотици мали деца. Во 1944 година, кога се повлекувале Германците, ги бришеле трагите на нивните злосторства и го ликвидирале логорот. Во 1967 година, во Саласпилс бил поставен споменик, отворен музеј и биле организирани бројни комеморации за жртвите. „Оваа земја плаче крв“, гласи натписот на портата што води во логорот. Откако ќе ја поминете, може да се слушне потресен, ритмички звук кој личи на звукот на срце што чука.
Беше посетено и местото Јумправмуижа (Јунгфернхоф), импровизиран концентрационен логор основан во декември 1941 година. До март 1942 година околу 4.000 Евреи од Германија и Австрија и околу 2.000 стари лица и лица со попреченост биле убиени таму. Над гробовите каде што биле погребани жртвите, Германците поставиле железнички пруги. Процесот на прецизно лоцирање на масовните гробници се уште е во тек.
Друг важен момент на семинарот беше посетата на споменикот на војниците на Советската армија - „Ослободители на Советска Латвија и Рига од рацете на германско-фашистичките окупатори“, кој денес постојано го опкружува тесен полициски кордон. Изграден на крајот на СССР во 1985 година, споменикот долго време бил контроверзно здание. Некои жители го гледаат како симбол на советската окупација на Латвија, додека други сметаат дека споменикот и периодот во кој е создаден се дел од историјата на земјата. Меѓутоа, соочени со руската агресија врз Украина, присуството и значењето на споменикот добиле посуштинско симболично значење, што довело до уште подлабока поларизација и повици за негово уривање. Прашањето за споменикот предизвика дискусија и даде одличен пример како да се практикува ненасилната комуникација (NVC) и како да се обидеме да ги разбереме потребите на двете страни во конфликтот.
Посебен дел од програмата за обука беше посветен на темата за употребата на NVC во контекст на тековната војна во Украина.
Следниот тренинг состанок е закажан за септември 2022 година. Учесниците ќе се сретнат во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Темата на септемврискиот семинар ќе биде емпатична комуникација во образованието на возрасните кои презентираат различни визии за холокаустот во европските земји, користејќи го македонско-бугарското соседство како пример.
Проект е кофинансиран од Европската комисија во рамките на програмата Еразмус+.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN